ЈСП со специјална рута за годишнината од земјотресот


ЈСП и ЈСП Турс ќе се вклучат во одбележувањето на 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во рамки на „Зборува Скопје“, ЈСП Турс организира специјална рута на Сити бусот „Рута на солидарноста“. Предвидено е автобусот да обиколи неколку локации кои имаат симболика со катастрофалниот земјотрес.

Почетна станица ќе биде местото каде што е родена Мајка Тереза, паркчето пред зградата на ЕВН на плоштад. Оттаму автобусот ќе се упати кон Старата железничка станица, потоа ќе вози кон населбите Тафталиџе 1 и 2 (населби изградени со помош на светската солидарност), ќе продолжи по улиците „Варшавска“, „Прашка“, „Лондонска“, „Осло“, „Хелсинки“, па преку „Московска“ по булеварот „Партизански одреди“ автобусот ќе минува спроти поликлиника „Букурешт“ (подарок од Романија). Оттаму, туристичкиот автобус ќе се упати покрај местото на уништените блокови во Карпош 2, па покрај Универзална Сала (подарок од Бугарија) и блоковите од Градски Ѕид (проект на архитектот Кензо Танге), ќе стаса до стариот театар и кај зградата на МОБ (за скопјани се уште позната како МНТ), турата ќе заврши повторно на плоштад кај родната куќа на Мајка Тереза (платото пред зградата на ЕВН).

Турите ќе се изведат со професионален туристички водич, а ќе се реализираат на 24, 25 и 26.07, со две поаѓања, во 11 и 17 часот .
Двете тури на 24.07 (вторник) ќе бидат бесплатни, а за останатите цената на билетот ќе изнесува 150 денари.

„Со овој мал гест сакаме да искажеме благодарност и почит кон сите што му помогнаа на Скопје, а истовремено да пратиме порака дека скопјани никогаш нема да ја заборават подадената рака и светската солидарност по катастрофата во 1963 година“, велат од ЈСП.