ЈСП има справи за бицепси


„ЈСП турс“ продава 12 фитнес-справи, клупи за кревање тегови, машини за бицепси и за нозе. Јавното сообраќајно претпријатие Скопје објави оглас во кој бара купувач за опрема која не е вообичаена за неговата дејност и секојдневното работење. Спортските машини биле купени во 2011 година, кога директор беше Саша Димиќ, и биле наменети за фитнес-салата во хотелот „Макпетрол“ во Маврово, кој во тој период бил закупен од „ЈСП турс“. Биле платени 10.000 евра, но во изминативе седум години ниту еднаш не биле искористени. Стојат во гаражата на јавното сообраќајно претпријатие во Ѓорче Петров, меѓу шкафови и бироа.

„Немаме информација од кои причини фитнес-опремата не била монтирана во хотелот ‘Макепетрол’ и завршила во нашата база во Ѓорче Петров. Не ни се потребни, ниту на ЈСП ‘Скопје’ ниту на ‘ЈСП турс’, и од тие причини сметаме дека треба да ги продадеме додека имаат вредност. Сите справи се во солидна состојба и квалитет, од познати производители и мислиме дека во овој обид ќе најдеме купувач“, велат од ЈСП.

Еден обид за продавање на опремата бил направен во 2016 година, кога била проценета на 6.300 евра, но не завршил успешно. Сега неискористените фитнес-справи се проценуваат на 224.000 денари, или околу 3.600 евра. За тие пари купувачот ќе добие по една лат и пулеу-машина, лег-крл и екстензија, шолдер-прес и бицепс-машина, крос-машина и пулап-дип, три клупи за кревање тегови, пет лонг-бар шипки и 230 килограми во тегови. Од јавното претпријатие велат дека се работи за професионални справи за вежбање раце, нозе и гради, со кои може целосно да се опреми фитнес-сала.

Сања Наумовска