ЈОРМ: Се снимало од 2013 година


Постојат индиции кои укажуваат дека снимањето на телефонската комуникација остварена преку фиксна телефонска мрежа во зградата на Јавното обвинителство, траело од набавката и инсталирањето на опремата, односно од 2013 година, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Македонија.

Од ЈОРМ истакнуваат дека со исклучителна сериозност и внимателност се проверуваат сите аспекти, со оглед на големиот интерес во јавноста за овој случај.

– Предистражната постапка е отворена веднаш по добиените сознанија дека телефонските разговори остварени преку фиксна телефонија во зградата на јавното обвинителство биле снимани. Иако пронајдените податоци со снимени разговори на двата хард диска од телефонската централа датираат од 30.09.2016 година, постојат индиции кои укажуваат дека снимањето траело од набавката и инсталирањето на опремата, односно од 2013 година. Во таа насока, се проверува и дали снимените разговори биле избришани или пренесени на друг уред, се наведува во соопштението од ЈОРМ.

Првичните сознанија од предистражната постапка укажуваат дека снимањето се вршело на двата хард диска од телефонската централа во новиот објект во кој се сместени просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија. Во рамките на постапката се врши проверка и на тендерската документација за набавка на опремата и на овластувањата за нејзино користење.

Дополнително, се работи на проверка и на индициите дека ист или сличен систем за снимање на телефонски разговори бил употребуван и во други правосудни институции, истакнуваат од ЈОРМ.