Јовески: Ќе ги преземеме предметите на СЈО


Јавното обвинителство на Република Македонија ќе ги преземе за натамошна постапка предметите за кои јавниот обвинител на Специјалното јавно обвинителство ќе се огласи за ненадлежен за натамошно постапување, рече на денешната прес-конференција шефот на ЈОРМ,  Љубомир Јовески по одржаниот проширен колегиум.

Ова легитимно право на јавниот обвинител, како што посочи Јовески, е засновано на членот 21, точка 7 од Законот за кривичната постапка, кој го определува јавниот обвинител како единствен тужител за сторителите на кривични дела кои се гонат по службена должност разграничувајќи го приватниот тужител како надлежен за гонење на сторителите на кривични дела кои се гонат по приватна тужба.

Јавниот обвинител, кало што рече Јовески, во постапките по преземените предмети, како законити ќе ги користи доказите и прибавените материјали, како докази прибавени на легален начин и во законита постапка.

Државниот јавен обвинител го искритикува донесеното начелно правно мислење на Врховниот суд велејќи дека Судот нема основ да дава начелно мислење кога не постои различна примена на правото во судската пракса.

– Начелното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија ја нарушува законитоста во постапувањето на јавните обвинителства и судовите, поради што Јавниот обвинител на Република Македонија до Собранието на Република Македонија ќе поднесе барање за давање автентично толкување на член 22 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела  поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, согласно член 175 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, рече Јовески.

Според него, начелното правно мислење на Врховниот суд е донесено без да постои различна примена на законите од пониските судови и не се заснова на одредбите, смислата и содржината на Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и е противречно само на себе.

– Наспроти одредбата од член 22 од Законот, дека ова јавно обвинителство во рок од  18 месеци од примањето на материјалите и преземањето на предметите може да покрене обвинение или да донесе наредба за запирање на истражна постапка, во начелното правно мислење, и покрај тоа што тие се наведуваат како кумулативен услов, овој рок во мислењето се смета само од денот на приемот на материјалите, занемарувајќи го денот на преземањето на предметите, рече Јовески.

Според него, Врховниот суд со начелното правно мислење излегол надвор од законските надлежности, толкувајќи конкретна законска одредба со што создадена е правна несигурност.

Во тој контекст додаде дека начелните правни мислења на Врховниот суд не се еднаш засекогаш дадени и дека тие се подложени на изменување и дополнување. – Таква пракса има во минатото и според тоа Врховниот суд доколку прифати одредени аргументи може да го измени ова право, додаде тој.

– Јавниот обвинител на РМ и проширениот колегиум на јавните обвинители ги поддржуваат јавните обвинители да опстојат на законските принципи и постапувањето по предметите, а очекуваат дека  и судиите на пониските судови одлуките ќе ги засноваат на законот во функција на остварувањето на владеење на правото, рече Јовески.

На денешниот проширен колегиум што беше одржан во ЈОРМ присуствуваа вишите јавни обвинители на Вишите јавни обвинителства Скопје, Гостивар, Штип и Битола и јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.