Јовановски, Спасов, Колбе…во составот на македонско- грчкиот комитет


Атина – Универзитетските професори Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе, се членовите од македонска страна во Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) со Грција – за историски, археолошки и образовни прашања. Предводник на тимот од македонска страна, како што е познато, е амбасадорот Виктор Габер.

Од Грција, пак, во комитетот што го предводи заменик министерот за надворешни работи, Маркос Боларис, членовите се во најголем дел професори од солунските универзитети.

Од Универзитетот „Аристотел“ во Солун се професорите Спиридон Сфетас, Јаковос Михаилидис и Атанасиос Лупа од Катедрата за историја и археологија. Професорот Николаос Заикос, е од Катедрата за балкански, словенски и источни студии на солунскиот Универзитет „Македониа“. Додека, пак, останатите членови се професорката Александра Јоаниду од Катедрата за руски јазик и филологија и словенски студии на атинскиот универзитет „Каподистриан“ и Ефтимиос Харлавтис, од Директоратот за земјите од Југоисточна Европа во грчкото МНР.

Како што јавува МИА од Атина, имињата на членовите од македонска и грчка страна биле доставени во грчкиот парламент, во писмениот одговор на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас по пратеничкото прашање на Софиа Вултепси од Нова демократија.

Согласно со член 8 став 5 од договорот од Преспа, во септември беше формиран ЗИКЕ – за историски, археолошки и образовни прашања.
Македонската влада, претходно, формира и заедничка Комисија со Бугарија за историски и образовни прашања, по потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу двете земји.