Јанушев се сомничи за нелегална набавка на кинеските автобуси


Кинеските автобуси кои беа купени за време на минатата власт биле набавени во нелегална постапка открива новата истрага што ја отвори Специјалното јавно обвинителство. Под името „Дизајн“ во оваа истрага осомничени се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, сегашниот генерален секратар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, Снежана Филиповска Павлеска како претседател на Комисијата за спроведување на јавни набавки, а Јанушев и Јулијана Јанкуловска Атанасова се осомничени како членови на комисијата за спроведување на јавни набавки. Тие, според СЈО, ги искористиле своите службени положби и овластувња и за економскиот оператор Јутонг од Кина прибавиле корист, односно незаконско повластување – фаворизирање во постапката и склучување на договор за набавка на 202 двокатни автобуси и го оштетиле буџетот во износ од 5 милиони евра.

Јанакиески како Министер, по претходно поништени две постапки за јавна набавка на спорните автобуси, на кои конкурирал економскиот оператор Јутонг од Кина, без да ги исполнува условите на тендерот, со цел да го фаворизира економскиот оператор Јутонг, повторно донел решение за набавка на 202 автобуси.

Во критериумот економски најповолна понуда, покрај елементот цена и техничко функционални карактеристики го додал и елементот дизајн, елемент кој инаку не е предвиден во Законот за јавни набавки, и за истиот во огласот навел дека носи 20 бода.

На огласот се јавиле два економски оператори, Јутонг од Кина и Кинг Лонг од Бугарија, претседателот и членовите на комисијата при разгледување на понудите, го фаворизирале економскиот оператор Јутонг, иако истиот не доставил сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, туку доставил сертификат ИСО/ТС 16949:2002, а банкарската гаранција пак која ја доставил била издадена од Охридска банка АД Скопје, која не поседувала „Б“ кредитен рејтинг (што било услов во тендерската документација).

Како комисија за спроведување на јавната набавка наместо да ја отфрлат ваквата понуда, тие продолжиле со евалуација на двете доставени понуди.

„Понудата на економскиот оператор Кинг Лонг била второрангирана, поради тоа што истата не ги освоила потребните бодови за критериумот за елементот дизајн, иако истата била поефтина за 5.000.000 евра од понудата на Јутонг. Министерот Јанакиевски, бил должен да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти во истата, меѓутоа тој тоа не го сторил тоа, со што постапил спротивно на чл.169 од Законот за јавни набавки и на ден 14.04.2010 година склучил договор за купопродажба на автобуси со кинески Јутонг“, соопштуваат од СЈО.