Јанушев: За првпат во Европа се бара замрзнување имот на опозициска партија


Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев обвинува дека по сите притисоци, закани и уцени да се скрши партијата, владата го направи ипоследниот чекор со замрзнувањето на имотот.

„Единствениот аболициран политичар за криминал Зоран Заев знае дека ВМРО-ДПМНЕ е последниот бедем во заштита на државните и национални интереси и затоа не бира средства со кои што ќе си обезбеди бришан простор за реализација на распродажбата на се што е македонско и општиот грабеж кој што Заев и картелот околу него го реализираат во моментов. Затоа Заев одлучи да го направи и последниот чекор и да го впрегне неговиот последен адут, партиското специјално јавно обвинителство и клиентелистички расположениот суд и да го замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Партиското, непрофесионално и селективно специјално јавно обвинителство еден месец после референдумскиот дебакл на Заев и СДСМ, побара да биде замрзнат целокупниот имот на партијата, а судиите Весна Димишкова и Седат Реџепагиќ, без никаква основа веднаш скокнаа да помогнат и да донесат позитивна одлука по барањето на СЈО3, вели Јанушев.

Тој вели дека ова е првпат во историјата на Република Македонија, но и за првпат на европско тло се бара замрзнување на имот на политичка партија која што е во опозиција.

„Ова е демократијата и демократските принципи за кои што се залагаат Заев и СДСМ. Принципи со кои што однародената власт се обидува да го умртви секое поинакво размислување и да забрани секакво политичко делување кое се разликува и кое не се согласува со антидржавните политики на Заев и СДСМ“, вели тој.