Јанушев: Ако има налог полицијата слободно нека влезе во штабот, Груевски не се крие тука


Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вечерва обвини дека седиштето на партијата е под опсада а нејзините членови биле легитимирани од полицијата.

„Никогаш во историјата на независна Македонија немало примена на ваква сила врз партија во опозиција. Ова е класична злоупотреба на полицијата во партиско-политички цели“, рече Јанушев додавајќи дека вечерашните полициски акции не се во прилог на смирување на политичките тензии во државата.

Најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни, демократски и сите неопходни средства за, како што рече, да застане на патот на злоупотребата на институциите и обидот за замолчување на опозицијата.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ако полицијата има налог и ако се сомнева дека Груевски е во партискиот штаб, може слободно да влезе и да провери.

Полициски единици вечерва беа распоредени пред седиштето на партијата и вршеа претрес на возилата кои излегуваа од подземната гаража.

Претходно, во дел од медиумите се појавија шпекулации дека поранешниот премиер Никола Груевски, по кого е расписана потерница, се наоѓа во седиштето на партијата.

Потерницата доаѓа откако полицијата доби известување од Основниот суд Скопје 1 дека судски доставувач не може да го пронајде да му врачи решение веднаш да се упати во затвор.

Потрагата по Груевски вечерва предизвика голем интерес во македонската јавност.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра. Против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела.