Јанкулоска не дојде да ја слушне пресудата, осудена на 6 години затвор


Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е осудена на шест години затворска казна за нелегалната набавка на луксузниот „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра. Јанкулоска не дојде да ја слушне пресудата, остана на судењето за случајот „Таргет – тврдина“ и не побара пауза бидејќи нејзиното присуство на изрекувањето на пресудата не е задолжително.

Јанкулоска е осудена за злоупотреба на службената положба, односно дека по наредба на тогашниот премиер Никола Груевски го овластила помошникот министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски да распише тендер за набавка на мерцедесот.

Судењето за Јанкулоска почна на крајот на август годинава, откако обвинетата се породи. Нејзе и се суди посебно откако Судот го прифати барањето на адвокатите за лекарското боледување поради нејзината бременост.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард“ во вредност од 600 илјади евра.

Двајцата се жалеа до Апелацискиот суд за висината на казните. Апелација во петокот соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна од две години. На Поповски, пак, пресудата му е преиначена на четири ипол години затвор.

Ф.Ф.С.