Јанкуловска низ солзи: Треба да се грижам за моето дете


Ексминистерката Гордана Јанкуловска низ солзи во завршните зборови за случајот „Тенк“ рече дека кај дел од судечкиот совет чиј претседател е судијката Добрила Кацарска постои пристрасност уште од самиот почеток на судскиот процес.

– Ова е постапка се води во исклучителни околности за мене. Постои пристрасност кај мнозинството од судечкиот совет кој јавно искажа став дека сум виновна уште при носење на пресудата за Ѓоко Поповски и Никола Груевски. Дополнителна околност за пристрасност е носење на одлука во експресен период. На почетокот на Процесот требаше да се грижам за дете кое имаше 2 месеци, а сега на крајот има 3 месеци, рече Јанкулоска низ солзи.

Пресудата за издвоената постапка за Гордана Јанкулоска за предметот „Тенк“ ќе биде соопштена на 8 октомври, соопшти Кацарска, по изнесените завршни зборови.

Обвинителството, во завршниот збор, побара Судот да ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања, заедно со Попоски и Груевски.

Обвинетата Јанкулоска смета дека судот треба да донесе ослободителна пресуда.

– Во ниту еден момент во мене не постоела умисла да поттикнам некого за набавка на возило. Како министер никогаш и на никого не сум вршела притисок и ниту сум потпаднала под нечиј притисок, рече Јанкулоска.

Јанкулоска е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување како поттикнувач. Како што е наведено во обвинителниот акт, Јанкулоска за да го исполни барањето на Никола Груевски, со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да стори кривично дело.

Судењето за Јанкулоска почна на крајот на август годинава, откако обвинетата се породи. Нејзе и се суди посебно откако Судот го прифати барањето на адвокатите за лекарското боледување поради нејзината бременост.

Во „Тенк“ веќе се осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор.