Јаневски: Догодина ќе има минимум пет зип-линии


Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот најави дека сака да го зголеми бројот на туристи од Романија. Директорот Љупчо Јаневски настојува да го реши и проблемот со визите, за да порасне бројот на азиски туристи. Најавува дека догодина во Македонија ќе има минимум пет зип-линии.

Како ќе донесете поголем број туристи од Романија?

– Во текот на  2018 година ги подготвуваме пазарите и кампањите што ќе ги работиме во 2019 и 2020. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот активно работи на романскиот пазар. Почнуваме тивко да го развиваме романскиот пазар и веќе се покажа како позитивно. Минатата година имавме околу 50 проценти зголемен број туристи. И во првите шест месеци од годинава има раст, што покажува дека Романците индивидуално сакаат да ја посетуваат Македонија како туристичка дестинација. Ги интересираат манастирските тури, традицијата, гастрономијата и секако Охрид како град на УНЕСКО. Почнуваме да планираме за 2019 година да го засилиме нашето присуство на романскиот пазар, и на саемски манифестации и преку наши туроператори кои ќе ја посетат Романија, но и романски туроператори кои планираме во 2019 да ги донесеме во Македонија и да организираме средби со македонскиот туристички сектор. Планираме и информативни патувања на медиуми од Романија, сè со цел да ја зајакнеме промоцијата. Неодамна имавме работен состанок со голем туроператор од Романија, со кого сме во преговори за негово посилно присуство на македонскиот пазар. Тој најави чартер-лет еднаш неделно, во текот на сезоната, од јуни до август, од Букурешт за Охрид. Досега немало чартер од Романија.

Првите шест месеци лани Македонија ја посетиле 4.608 Романци и оствариле 9.269 ноќевања, а во истиот период годинава, од Романија дошле 4.851 турист, кои забележале 10.292 ноќевања. Со Романците сме многу блиски народи. И културно, но и низ годините, и историски се плетеле релациите. Романците сакаат да патуваат, особено со автомобили и тие шетаат низ Балканот преку кружни тури. Сепак, досега ниеден македонски туроператор во Романија немаше стратешки партнер со кој ќе работи. Пазарот доволно се отвори за да се видат можностите. Романскиот пазар е 22 милиони жители. Многу патуваат со автомобили во Грција, но сè повеќе преку Бугарија нè посетуваат во кружни тури. Во Македонија остануваат околу 2-3 дена и главно доаѓаат индивидуално. Се надевам дека ќе привлечеме повеќе туристи од Романија, се надевам дека ќе успееме бидејќи истите чекори ги работиме како на полскиот пазар. Романците сакаме да ги видиме и во Скопје, во руралните делови на Македонија и како консументи на авантуристички туризам. Затоа што од 2019 година планираме активна промоција на националните паркови. Ќе ги мотивираме не само самите паркови туку ќе додадеме и дополнителни содржини коишто заедно ќе ги работиме, за да станат посакувана туристичка дестинација. Ќе нудат екотуризам, агротуризам, набљудување на птици, параглајдерство, планинарење, возење велосипеди.

Зошто немаме повеќе азиски туристи, како што има регионот?

-Имавме средба со националните туристички организации на Србија и на Црна Гора во Скопје, пред два месеца. За жал, тоа е првата официјална средба со регионалните национални туристички организации на овие две земји. Разговаравме за заедничка соработка, но и за нивни искуства со азиските туристи.  Балканот е туристичка дестинација кон која гравитираат околу 200.000-300.000 кинески туристи, кои можат да бидат потенцијални туристи и во Македонија. Со олеснување на визниот режим, и Македонија ќе биде нивна дестинација за кружните тури кои ги организираат туроператорите. Овие туристи во моментов одат во Србија, Црна Гора, Босна, Хрватска, затоа што само ние сѐ уште имаме визи за нив, кои треба да ги вадат во Белград. Србија целосно ги укина визите, а во Црна Гора туристичките агенции прават листа на посетители и така обезбедуваат влез на туристите од азиските земји.

Ние поднесовме иницијатива до Владата и до МНР во најбрз можен рок да почне разработка на модели како да се надмине проблемот. Ако се реши визниот режим, драстично ќе се зголеми бројот на азиски туристи во Македонија. Изработивме компаративни анализи – од моментот кога се укинаа визите во Србија и се олесни режимот во Црна Гора, од 50 до 80 отсто е зголемен бројот на азиски туристи во тие земји. Албанија го решила проблемот со издавање на визи за 5 дена. Факт е дека азиските туристи многу ја посетуваат Европа, ги фасцинираат природните убавини, културата и традицијата. Тие се посакувани туристи оти се културни и питоми и многу се грижат за животната средина, а добри се и како потрошувачи, купуваат сувенири, посетуваат музеи.

До каде е поставувањето на зип-линиите, кои за повеќе локации се најавуваат со години?

-Во последните 6 месеци посетивме повеќе од 30 општини во Македонија за да ги видиме можностите за нивен туристички развој и атракциите кои ги поседуваат, колкави капацитети имаат и во кој правец треба да се развиваат. На размислувањата за туризмот мора да се надоврзе и државната помош, за да можеме заеднички да изработуваме проекти кои ќе станат нови туристички атракции. Веќе сме во преговори со неколку општини за да го искористиме моделот од Крушево, со поставување на полетиште за параглајдерство и да продолжиме со други активни форми, со поставување на зип-линии кои ќе овозможат дополнителни атракции. Меѓу нив се Крушево, Националниот парк „Галичица“, Охрид, Скопје (во општина Карпош, во рамки на адреналинскиот парк) и неколку општини во Источна Македонија, каде што во тек е детектирање на можни локации. Зип-линиите не бараат многу обемна планска документација, но во 2016 ни се случи да изработиме документација, а една општина да не ја сработи зип-линијата, поради внатрешни проблеми. Затоа не можам прецизно да кажам колку зип-линии ќе има догодина во Македонија, но ние очекуваме барем пет. Во моментов во најнапредна фаза е планирањето за општина Крушево. Зип-линијата би била долга од 300 до 500 метри и има две идеи од каде што би поаѓала – од Мечкин Камен или близу до градот, па кога туристите ќе се спуштаат, пред нив да се отвора панорамата на Крушево. Останува инженерите да ги кажат техничките детали, а градот, заедно со нас, веќе аплицираше за европски пари за реализација, што подразбира само 10 отсто учество на општината. Иако зависи од должината, зип-линијата и платформите, проектот за Крушево, според сегашните пресметки, не би надминал 40.000 евра, што вклучува и обука и опрема.

Анита Салтировска