Андоновски: 120% раст на трансакции на платформата за интероперабилност


Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека платформата за интероперабилност бележи околу 120% раст на бројот на трансакции, што, како што рече, покажува сè поголема употреба на дигиталните канали за размена на податоци меѓу институциите.

Тој ова го истакна на отворањето на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, нагласувајќи дека дигиталната трансформација претставува суштинска промена во функционирањето на државата, бизнисот и граѓаните, а не само технолошки процес.

Андоновски посочи дека целта е намалување на административните бариери, помалку хартија и шалтери, како и елиминирање на потребата граѓаните и компаниите да доставуваат податоци што веќе постојат во институциите. Според него, податоците треба да циркулираат меѓу институциите, а не граѓаните.

Тој додаде дека интероперабилноста претставува и економска мерка, бидејќи придонесува за пониски трошоци, побрзи постапки и подобра деловна клима. Посебно го нагласи и значењето на Националниот портал за услуги, кој треба да биде централна точка за пристап до јавните услуги.

Во своето обраќање, Андоновски истакна дека дигиталната трансформација има реална вредност само кога граѓаните и компаниите директно ја чувствуваат преку поедноставени и побрзи услуги, а институциите преку меѓусебна размена на податоци.