Јанева: Ќе се прошири истрагата за „Странски служби“


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска најави дека истрагата за случајот „Странски служби“ ќе биде проширена.

– Лично бев изненадена од снимките во медиумите. Секоја изјава е добредојдена, рече Јанева одговарајќи на новинарско прашање по завршната конференција на проектот „Набљудување судски предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата според новиот Закон за кривичната постапка“.

Таа одби да открие дали МВР опремата ја набавило од компанија од Израел, бидејќи станува збор за класифицирана информација.

Во случајот „Странски служби“, осомничени се две лица за злоупотреба на службената положба и овластувањето, помошник-министер и началник на оперативна техника на УБК во МВР.

Во врска со истрагата за „Друмарина“ што се води за поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Јанева најави дека истрагата може да се прошири за уште еден пратеник.

– Има разговор и за други пратеници. Но, мислам дека Јавното обвинителство на РМ не е спречено да продолжи, а можеби и ќе соработуваме во тој дел. Сметам дека има уште еден разговор за друг пратеник, кој го истражуваме, рече Јанева.

Во врска со откажувањето на СЈО од барањето за замрзнување на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, специјалната обвинителка рече дека тоа го направиле за да не влијае на политичката состојба.

– Мислевме дека треба да одлучиме на друг начин за предметот „Талир“ бидејќи не сакаме да влијаеме на политичката состојба. Тоа барање можеме во секое време да го поднесеме во Основниот суд, тоа беше процесно барање и не беше облигаторно, појасни Јанева.

Посочи дека во овој момент истрагата за „Талир“ напредува и оти во следните три – четири месеци се очекува да има епилог. Овој случај се однесува на сомнение за перење пари и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашање за новиот распоред на судиите во Кивичниот суд рече дека не е битно кој ќе суди, туку битно е да се суди независно и непристраано.

Според Јанева она што ја одбележа 2017 година е почетокот на судскиот процес за прислушувањето.

Одговарајќи за злоупотребите со АКМИС-системот при распределбата на предметите во судовите, рече дека тие извршиле влијание врз судските постапки.