Јанакакис: Ве поддржуваме во ЕУ и НАТО, сега се зависи од земјите членки


Грчкиот амбасадор во Македонија Димитрис Јанакакис денеска изјави дека Грција ја поддржува нашата земја во ЕУ и НАТО  врз основа на договорот од Преспа, но, според него,  сега се е во рацете на земјите членки.

– Оваа земја има аспирација да стане членка на ЕУ и на НАТО. Грција врз основа на договорот од Преспа ги поддржува овие напори, но пристапот не зависи само од Грција. Сега е во рацете на сите други земји-членки на НАТО и на ЕУ да ги поддржат аспирациите на оваа земја во иднина, истакна  Јанакакис, кој зборуваше на 98. Рос-Рот семинар во Собранието на Република Македонија.

Јанакакис зборуваше за Договорот за решавање на спорот за името посочувајќи дека станува збор за историски Договор „што ќе ги стави односите меѓу двете земји на ново тло“.

– Одговорот на референдумот доколку оваа земја реши да одржи референдум, а по усвојувањето на уставните амандмани коишто се предвидени со овој Договор ќе овозможи Грција да ратификува пристапен протокол кон Република Северна Македонија заедно со Договорот од Преспа. Ова значи дека во тој момент Договорот целосно ќе влезе на сила, рече Јанакакис.

Грчкиот амбасадор потенцира дека постигнувањето на ваквиот Договор не било лесно за ниедна страна и оти бил постигнат по тешки преговори во коишто се покрија многу чувствителни прашања.

– Овие прашања имаа многу голем емотивен набој што водеше кон критика во двете страни земји. Грчката Влада силно верува дека условите коишто се сега на сила ќе го остават тешкиот период зад нас и ќе водат кон развивање на силни, длабоки и плодни односи меѓу двете земји, смета Јанакакис.

Во однос на НАТО, грчкиот амбасадор рече дека Грција има навистина голем интерес да ја зајакне безбедноста во ЈИЕ, но и поширокиот регион.

– Меѓу Грција и ПЈРМ или Северна Македонија, како што се надеваме дека ќе може да ја наречеме земјава за неколку месеци, и немаше големи проблеми освен прашањето на името и поврзаните иредентистички прашања коишто сега се покриени со споменатиот Договор, посочи тој.

Сакаме, додаде Јанакакис, „еден стабилен и просперитетен сосед безбеден во рамките на своите граници коишто ќе биде наш многу близок пријател на северот и со којшто ќе имаме добра трговија, соработка и економска размена“.

Економските врски меѓу двете земји се многу интензивни, рече Јанакакис потсетувајќи дека во земјата има и многу грчки инвестиции.

– Сепак, во многу сфери каде што има потенцијали недостасува соработка, не беа доволно истражени заради недостаток на една правна рамка и секако заради психолошкиот товар којшто произлегуваше од прашањето за името. Потенцијалот којшто оттука постои за зголемување на соработката е огромен и верувам дека и двете страни ќе искажат подготвеност да ја искористат оваа можност која што е пред нас, кажа Јанакакис.