Јакимовски: Да не бидеме наивни околу бегството на Груевски


Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски оценува дека со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, поразени сме сите: и власта и опозицијата, целото правосудство и самиот тој. Сепак, според него, најголеми виновници се оние кои му ги создадоа претпоставките за бегството. „Кршењето на човековите права, кршење на процесно право, судење без адвокат, судење во енормно кратки рокови, судење за смешно кривично дело за набавка на ‘мерцедесот’, а не за корупција, инсистирањето да се затвори по секоја цена, погодувајќи го тајхмингот кога се расправа за уставните амандмани – го направија овој случај класичен политички и монтиран. Жал ми е што Републучкиот судски совет не го сфати сериозно обвинувањето на Груевски дека врз Апелација се врши притисок да се донесе осудителна пресуда. Длабоко сум убеден дека овој случај ќе прави дополнителни штети во Советот на Европа. Знаејќи ја задртоста на Виктор Орбан, моја претпоставка е дека нема да зборуваме за обичен случај на барање азил, туку ќе се отворат многу прашања што тоа се случува во Македонија. Сето тоа ќе оди на штета на сите граѓани, благодарејќи на ‘Кацарска судството’, кое го замени ‘Сваровски судството’. Во моментов имаме судство што се карактериизира со својата бруталност, неприципиелност, осветољубивост и непочитување на законските прописи и пресумпцијата на невиност“, посочува Јакимовски во изјава за „Независен“.

Тој апелира да не бидеме наивни околу целиот случај и можниот договор од власта и од опозицијата, затоа што многу индикативно е зошто осумте пребегани пратеници од коалицијата ‘За подобра Македонија’, сега не гласаа идентично како оние од власта за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, како што беше случај со уставните измени.

Да не се лажеме, ако наредбата од Заев беше да му се одземе мандатот – ќе му се одземеше. Тоа, според мене, значи дека имало некаков договор. Исто така, симптоматично ми е што министерот Спасовски се правдаше дека немал судска наредба да го следи Груевски, а само шест часови подоцна, притвор им беше одреден на Миле Јанакиевски и на Кире Божиновски и тоа со образложение оти УБК имале сознанија дека и тие се подготвуваат за бегство. Па чекајте, нели немале дозвола за следење?“, прашува Јакимовски.

 

И пратеникот Иван Стоилковиќ посочува дека станува збор за една од најголемите шлаканици од осамостојувањето на Македонија на внатрешен и на надворешен план.

„Можете да спинувате колку што сакате, ама самиот факт што Груевски ќе добие азил во држава на Европската унија, ја фрла земјава на дното од скалилото на државите што ги почитуваат човековите права“, вели Стоилковиќ за нашиот весник. (Г.А.)