Јазбец: Добредојдовте во НАТО – Словенија ќе го ратификува Протоколот во вторник


Добредојдовте во НАТО! Денеска е историски ден што ретко се случува во нашите животи. Им честитам на македонските власти и на сите оние кои придонесоа кон тоа и овозможија Македонија денеска со пристапниот Протокол да стане де факто 30-та членка на Алијансата, сега уште претстои процесот на ратификација од земјите-членки на НАТО.

Ова денеска го изјави словенечкиот амбасадор во земјава Милан Јазбец, по повод потпишувањето во Брисел на Протоколот за прием на Македонија во НАТО.

Рече дека од денеска претставниците на земјава ќе бидат на сите состаноци на работните тела на НАТО и ќе дебатираат, освен на Одборот НАТО-Русија и Нуклеарниот одбор, но нема да има право да гласаат се додека не биде завршена ратификацијата во сите земји-членки. Истакна дека премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, веќе се повикани на самитот на НАТО.

– Членството на Македонија во НАТО е важно не само за земјава, туку и ќе придонесе за стабилноста во регионот, овој регион имаше некои турубуленции и секогаш кога евроинтеграцискиот процес, односно проширувањето на ЕУ и НАТО земаше замав, во тој регион ситуацијата беше постабилна, оцени словенечкиот амбасадор.

Во врска со ратификацијата на Словенија на Протоколот за прием во НАТО, Јазбец рече дека тоа најверојатно ќе се случи на вонредна седница на словенечкиот Парламент во вторник претпладне, во рамки на која ќе се обрати и македонскиот претседател на Собранието Талат Џафери, кој ќе престојува во посета на Словенија.

– Ние се подготвивме обраќањето на претседателот на Собранието Џафери да биде во вторник претпладне, и тоа да биде во рамки на вонредна седница на словенечкиот Парламент, на која Словенија ќе го ратификува пристапниот протокол во НАТО на Македонија, под претпоставка ратификацијата прво да се случи во грчкиот Парламент. Мислам дека можеме да бидеме оптимисти, се што досега беше планирано во последните две години за влез на Македониј во НАТО, се оствари, иако во даден момент тоа делуваше како премногу оптимистички, рече Јазбец.

Истакна дека со овој чекор Македонија даде огромен придонесе кон позитивниот развој и перспективите и иднината на регионот.

– Ова се случува неполни две години кога Црна Гора стана членка, така што како што вели мојот пријател Јелко Кацин, сега и на Балканот имаме германско-француски двоец а тоа е Црна Гора и Македонија, тоа се две држави кои со својата одговорност ќе придонесат максимално регионот да биде постабилен и да има јасна европска перспектива, подвлече Јазбец.

Словенечкиот амбасадор заклучи дека пристапувањето во НАТО е и натамошна стимулација за почеток на преговори во Европската унија, што ќе се финализираат во полноправно членство.