Ѕанакопулос: Предуслов е уставна ревизија кај соседот, особено во однос на уставното име
Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, изрази оптимизам дека може да се постигне заемно прифатливо решение. Ѕанакопулос ова го кажа на гостувањето во емисија на Првата програма на грчкото државно радио.
– По вчерашната средба преговорите продолжуваат врз база на рамката што беше поставена со нашите соседи. Оптимисти сме дека ќе успееме да постигнеме заемно прифатливо решение. Сепак, не сакам во овој момент да предвидам ништо. Работиме во насока да се постигне договор за сложено име што ќе важи за сите и за севкупна употреба, за што предуслов е уставна ревизија кај соседот, особено во однос на уставното име, рече Димитрис Ѕанакопулос за грчкото радио.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, портпаролот на грчката Влада, како што кажа, не сакаше да ги коментира техничките детали од преговорите, особено во однос на тоа дали нацрт спогодбата и е доставена на македонската страна.