Ѓурчиновски: АРМ е подготвена да биде дел од НАТО


Во текот на утрешниот ден ќе имате можност при посетата на касарната „Илинден“ да се уверите во професионализмот и вештините кои ќе ги демонстрираат припадниците на Армијата. Нивното залагање и ентузијазмот во покажувањето на наученото ќе ви покажа дека Армијата на Република Македонија е подготвена да биде дел од НАТО, истакна началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски на заедничката прес-конференција со заменик-претседавачот генерал-потполковник Стивен Шепро.

Ѓурчиновски посочи дека денеска имале можност да го презентираат постигнатото ниво на реформите кои Армијата на Република Македонија ги реализирала. По нивното завршување, како што рече, ќе обезбедиме уште една поефикасна професионалност и посветеност во нашите редови, додека пак преку целосна имплементација на стратегискиот одбранбен преглед ќе имаме компактна и интероперабилна армија, што ќе може да одговори на сите предизвици кои ќе стојат пред нас.

– Нивното долгогодишно учество во мисиите предоводени од НАТО и научените лекции од учеството на многубројните меѓународни вежби се доказ дека офицерите, подофицерите и професионалните војници на Армијата се целосно интероперабилни со нивните колеги од земјите на Алијансата и дека со приемот во НАТО, Алијансата ќе добие уште еден верен сојузник на кого, како и досега, може да е потпре, истакна тој.

Наведе дека во континуитет работат во насока на исполнување и одржување на веќе постигнатите стандарди и критериуми за членство во НАТО, изразувајќи уверување дека со поддршка на земјите-членки на Алијансата, Македонија многу скоро ќе биде дел од НАТО семејството.

Шапро посочи дека зајакнување на соработката меѓу македонската армија и силите на НАТО, подигнување на стандардите на воените сили и едукацијата се трите области во кои ќе се интензивира соработката меѓу македонските воени сили и силите на Алијансата.

Заменик-генералот Шапро нагласи дека македонските и НАТО силите ќе ја зајакнат соработката во мировните мисии, менаџментот на природни непогоди и управување со кризи.

Втората област, појасни тој, значи зајакнување на капацитетите на македонските воени сили, нивната интероперабилност.

Во однос на едукацијата истакна дека воениот колеџ на НАТО се смета за една од најважните двигатели на зајакнување на силите на Алијансата и изрази задоволство што неговата програма е вклучена во Воената академија.