Ѓорчев: Приоритет ми е воздухот, а на Шилегов видео-игрите


Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов им се извини на граѓаните што играше игри на својот мобилен телефон додека во Собранието се расправаше за загадениот воздух, но забележа оти тоа било негов однос кон Влатко Ѓорчев, кон паушалните изјави и лицемерното однесување на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ. На изјавата на Шилегов дадена во денешното интервју за „Независен весник“, реагираше Ѓорчев.

„Мене во јавната расправа во Собранието приоритет ми беше загадувањето и воздухот. На Шилегов приоритет му беше играњето видео игри. За жал, Шилегов прв го напушти Собранието од расправата, без да го слушне мислењето на независните НВО активисти, кои имаа многу остри критики кон него. Граѓаните на Скопје се крајно разочарани од фијаското на Шилегов како градоначалник“, ни изјави Влатко Ѓорчев.

Шилегов призна дека станува збор за гаф поради што упати извинување.

„Да, тоа е гаф. Но, тоа не е мојот однос ниту кон проблемот на загадувањето, ниту кон граѓаните ниту кон Собранието. Затоа им се извинувам на граѓаните. Тоа е мојот однос кон Влатко Ѓорчев, кон паушалните изјави лицемерните и лажни политички пароли паушалниот поглед на проблемите на Ѓорчев и ДПМНЕ се причината што овој град е таму каде што е. До моето доаѓање на оваа позиција тие го водеа градот и живееме во последиците на паушалните политики и говори и пристап кон градот. Ѓорчев и ДПМНЕ од мене не заслужуваат повеќе“, вели Шилегов. (Г.А.)