Ѓорчев: Поради одлуката за Темелко откажан денешниот протест


ВМРО-ДПМНЕ за 3 декември го одложи денешниот протест што требаше да се одржи пред Владата, поради ослободувањето, односно домашниот притвор за Едмонд Темелко.

„Шеесет дена наназад Едмонд Темелко беше осуден на притвор. Тоа се 60 долги денови во кои што се вршеше тортура врз Едмонд Темелко затоа што станува збор за активист за човекови права, борец за македонските интереси. Единствен градоначалник надвор од територијата на Република Македонија, единствен градоначалник Македонец. Во таа атмосфера на страв на Едмонд Темелко ден по ден, рочиште по рочиште му беше продолжувано мерката притвор“, рече на денешната прес-конференција Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Посакувајќи му добро здравје на Едмонд Темелко, Ѓорчев рече дека продолжува неговата борба за слобода.

„Продолжува и борбата за слобода на заробената држава Македонија во која што царува мафијата, во која што луѓе секојдневно се убиваат, во која што цели бизниси се рекетираат, во која што автомобилите секојдневно се палат“, истакна Ѓорчев и додаде дека од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ најавува граѓански протест за правда и правдини што ќе се одржи на 3 декември во 18 часот.

По 60 дена поминати во затворот во Шуто Оризари, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко е пуштен во куќен притвор. Како што потврдуваат од скопскиот Кривичен суд, одлуката за притвор е укината и преиначена во куќен притвор.

Темелко е обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности.