Ѓорчев до Заев: Не можете да си нарачате опозиција


Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието на премиерот Зоран Заев му порача дека не власта не може да си нарача опозиција со уцени на пратеници.

„Господине Заев вие не може да си нарачате опозиција затоа што легитимитетот го дава народот и граѓаните. Не може да си нарачате опозиција која де-факто ќе биде власт поради политички уцени, затоа што опозиција ви е македонскиот народ, опозиција ви се Албанците кои се разочарани на кои не им ги исполнивте ветувањата, опозиција ви се Турците кои се повеќе го дигаат гласот, Бошњаците, Србите, Ромите, и самите ваши пратеници велат дека не ги исполнувате ветувањата. Опозиција ви се сите“, рече Ѓорчев.

Ѓорчев обвинуваше и дека на референдумот власта вршела притисоци врз граѓаните за да обезбеди излезност, и дека 50.000 ливчиња на референдумот биле вметнати во кутиите.

„Донесовте пратеници да гласат од затвор, мајки уценувавте во овој парламент да гласаат за да си го ослободат својот син, така го бркавте двотретинското мнозинство“, велеше Ѓорчев.

Тој посочи дека македонската страна во Договорот има многу повеќе обврски од грчката.

„Видете како ќе поминете ако отидете во Грција и им речете да си го сменат Уставот. Името Република Македонија, кое го изговараа илинденците, преродбениците, асномците и државотворците, не го промени ни Киро Глигоров, кој рече чувајте го името, ниту Борис Трајковски, кој велеше чувајте го, ни министрите од првата влада на независна Македонија, ни министрите на Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски – рече Ѓорчев.