Ѓорчев во Вашингтон: Граѓаните го поддржуваат членството,но немаат доверба во политиките на Заев
Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев за време на посетата на Вашингтон остварил средба со Вес Мичел – помошник секретар за Европа и евроазиски работи, како и неговиот заменик Метју Палмер, соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно, Ѓорчев оствариЛ средба со Џил Дитрих и Џошуа Луис од канцеларијата на Стејт департментот за Македонија.
За време на средбите Ѓорчев ги информирал соговорниците за актуелната политичка состојба во Македонија по референдумот што се одржа на 30-ти септември.
Ѓорчев истакна дека македонските граѓани го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ и НАТО, но немаат доверба во политиките на Зоран Заев и неговата влада, што се виде преку нискиот одѕив на референдумот.
Во делот на економијата, Ѓорчев ги информирал соговорниците за влошените економски показатели и проекциите на ММФ дека Македонија ќе има убедливо најмал економски раст на Балканот.
Во делот на надворешната политика, Ѓорчев истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на стратешкото сојузништво со САД кое што го иницираше и потпиша токму владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година.
Ѓорчев истакнал дека САД се партнер, пријател и сојузник на Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ силно ги поддржува и промовира сојузништвото со САД како долгорочна позиција на партијата и на државата.