Ѓорчев во Белата куќа, Силјановска ја освојува белата палата


Директорот на скопската депонија „Дрисла“, Горан Ангелов, е меѓу деветтемина кандидати за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е поранешен градоначалник на Виница во два мандата, а поради успешноста и ефикасноста беше назначен и за претседател на Асоцијацијата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Директно учествуваше во започнувањето на процесот на децентрализација и по професија е правник.

Тројца професори, актуелен пратеник, поранешен градоначалник, машински инженер, доктори по земјоделски, односно политички науки и еден фармацевтски техничар ја поминаа верификациската комисија во ВМРО-ДПМНЕ и добија шанса да ја освојат довербата на околу 530 делегати на конвенцијата во Струга закажана за 16 февруари. Стартувајќи од денеска, тие имаат десет дена да ја претстават својата програма и визија пред месните организации на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние како партија на сите ќе им овозможиме еднаков пристап до општинските комитети со цел да ги претстават нивните идеи и планови. Сите кандидати ќе имаат идентичен третман и еднакви можности да бидат избрани согласно принципите на демократија. Транспарентноста и демократијата на процесот се со цел да биде избран кандидат кој ќе го претставува мнозинското мислење на граѓаните и ќе работи во согласност со Уставот и законите“, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај Ангелов, на партискиот натпревар за шеф на државата се пријавија и Никита Шекутковски (доктор на математички науки и редовен професор на Природно математичкиот факултет во Скопје), Ѓорѓи Манасков (машински инженер и претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија), Васко Костов (фармацевтски техничар во аптека „Зегин“), Влатко Ѓорчев (пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ), Гордана Силјановска-Давчева (професор на Правниот факултет во Скопје и член на Институтот за правни и политички науки), Илија Димовски (професор во пензија на Шумарскиот факултет во Скопје), Филип Петровски (доктор по политички науки и поранешен директор на Државниот архив) и Сашо Кутлешовски (доктор по земјоделски науки). Една кандидатура е одбиена бидејќи била испратена по завршувањето на јавниот оглас во четвртокот на полноќ.

„Дел од кандидатите се пријавија лично, а дел се кандидираа по пошта“, велат во партијата.

Иако сите кандидати ќе тргнат од нула, фаворитската улога ѝ е дадена на професорката Силјановска, а веднаш зад неа е Ѓорчев, кој е во САД бидејќи е поканет да присуствува на традиционалниот појадок во Вашингтон со американскиот претседател. Вчера се сретна со Сара Сандерс, портпаролка на Доналд Трамп.

„За Македонија е важно да има отворени врати во Вашингтон. Секое пријателство и средба се можност да се кажат македонските аргументи. Македонија мора да гради силни сојузништва, на тој начин ги подобруваме позициите“, напиша Ѓорчев под заедничката фотографија.

Новиот лидер на Унијата на млади сили, Јован Јаулески, веднаш отворено застана зад кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова. Според него, професорката е синоним за одбрана на Уставот и уставниот поредок. Јаулески, кој е првиот функционер на партијата што јавно ја поддржа Силјановска вели дека бил нејзин студент по Уставно право и ја смета за голем педагог, чесен и одговорен човек кон секоја работа која ја работи.

„Професорката е синоним за одбрана на Уставот и уставниот поредок. Како човек кој потекнувам од Струга, многу убаво се сеќавам кога професорката застана во одбрана на уставноста и се изјасни против Законот за територијална поделба, кој и нанесе големи штети на државата. Професорката застана на браникот на уставноста и при гласањето на законот за двојазичност, против кој изразито се спротивстави и на чија неуставност укажа. Професорката е бескомпромисна кога се работи за правото ова го докажа и при застанувањето против договорот од Преспа, со кој се менува уставното име на државата. Јас сум цврсто уверен, дека професорката Силјаноска со своето огромно академско и животно искуство ќе биде вистински Претседател на државата, која ќе ги брани Уставот и законите и секогаш ќе се води првенствено од интересот на граѓаните“, напиша Јаулески.

На прашањето дали Силјановска е миленичка на раководството во белата палата, во ВМРО-ДПМНЕ даваат негативен одговор.

„Фаворит немаме, ќе го поддржиме оној кандидат што ќе победи во Струга. Единствена цел на сите пријавени кандидати треба да им биде Македонија, односно сплотување на сите граѓани со нивната програма и нивните идеи. Тоа е целта на конвенцијата. Најдобриот кандидат да го поддржиме сите, да бидеме единствени и така да излеземе на изборите“, нагласува Мисајловски.

Горан Адамовски