Шилегов: Успешно се справуваме со снегот


Градските власти успешно се справуваат со снегот што од утрина врне во главниот град, порача денеска градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.

-Главните улици за чие одржување е одговорен градот се целосно проодни и успеавме да ги доведеме до ниво да нема снег на коловозот. Очекуваме попладнево и во среда да има поинтензивни врнежи од снег, меѓутоа како и лани и годинава градските служби се подготвени, а Градот Скопје подготвен да се справи со сите проблеми, изјави Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање на традиционалното бадникување пред Соборниот храм во Скопје.

Во врска со вчерашното палење на коледарските огнови во градот и покрај повикот граѓаните да не го прават тоа, Шилегов рече дека и лани и годинава го направил тоа што можел, односно апелирал до граѓаните да не се палат огнови на отворено поради загадувањето на воздухот.

-Апелирав до нашите сограѓани да го искорениме обичајот за кој и црквата вели дека не е христијански и заради поздравата животна средина дружењето да биде со пријателите и семејствата во еден поинтимен круг. Немаме потреба од вулгазириња на овие длабоки и интимни празници како што се Бадник и Божик, посочи Шилегов.

За тврдењето на приватните автобуски превозници дека не биле информирани за субвенциите што ги нуди Град Скопје за набавка на половни автобуси и за замена на дизел моторите со мотори на гас, Шилегов рече дека имале работни средби на кои ги информирале и додаде оти Градот Скопје не може да објави јавен повик за концесионерите.

-Приватните превозници се корисници на концесиски договор кој е склучен на пет години, а Градот не може да даде јавен повик за концесија. На работните средби што ги имавме со претставниците на двете здруженија им беше презентирано дека Градот има средства со кои може да изврши замена на дизел агрегатите со агрегати на гас. Од друга страна им беше понудено да набават половни автобуси на гас со ЕУРО 4 стандард. За жал во текот на минатата година таков интерес немаше, појасни Шилеогов.

Посочи дека Градот бил подготвен да партиципира до ниво од 40 проценти од вредноста на половните автобуси при набавката на такви возила, но додаде дека не наишле на интерес.

-Ние и во буџетот за 2019 година ги имаме предвидено тие средства и доколку има интерес очекувам да реализираме дел од нив, рече Шилегов.

Фото: Б. Грданоски