Шилегов: Наскоро ќе понудиме концепт за решение за Дрисла


Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов соопшти дека наскоро ќе излезат со податоци и со цел концепт за депонијата Дрисла во која, како што рече, има индиции за сериозни криминали дури и шпекулации дека се гори радиоактивен отпад.

Во интервју за ТВ Телма вечерва Шилегов рече дека во тек е инспекциски наздор и се издадени одредени насоки до државните инспектори и дека за него како градоначалник во овој момент е да воспостави целосна контрола над тој градски капацитет.

– Ги отвораме процесите, Дрисла беше табу-тема, не можеше да се дојде до податок. Советничката група на СДСМ во изминатиот состав не можеше да дојде до извештајот за работата. Сега, кога можеме да располагаме со одредени податоци, сакаме да го решиме проблемот во корен, истакна Шилегов.

Допрва, рече, се запознаваат и со работите во врска со изворот Рашче од кој Скопје се снабдува со вода и ќе треба да обезбедуваат средства според постоечките студии за изворот.

– Ќе биде неодговорно од нас како градска управа да не го обезбедиме непроценливото богатство на Скопје, од каде што пиеме вода сите. Трагедијата е во тоа што била позната студијата за заштита на првата зона, за којашто се зборува или се шпекулира години наназад. Никој во оваа држава не помислил за 600-те илјади жители на градот Скопје дека со само 5,3 милиони евра ќе може да го реши прашањето за еколошка заштита на изворот Рашче, нагласи Шилегов.

За градењето на Водно рече дека ќе го стопираат со понатамошно неиздавање градежни дозволи и дека е во тек ревизија во Општина Центар за дел од деталните урбанистички планови.

– Ако градежна дозвола е издадена во несодветна постапка, нормално дека се поништува, рече скопскиот градоначалник.