Шилегов му постави столпчиња на Салији за да не може да паркира пред Министерството за правда


Откако министерот за правда Билен Салији беше затекнат како го паркира службениот автомобил пред самиот влез на Министерството за правда, изгледа Град Скопје немаше друго решение за неодговорниот министер, па реши да постави столпчиња пред влезот на Министерството.

Од Град Скопје велат дека столпчињата се поставуваат по барање на граѓаните, за да се овозможи непречено движење на пешаците по оваа пешачка патека и додаваат дека столпчиња ќе се наредат на потегот од крстосницата со улицата „Даме Груев“ до крстосницата со улицата Македонија.

„На терен, досега се поставени 30-ина столпчиња, а преостанатите столпчиња се очекува да бидат поставени до крајот на неделава, со што ќе се стави крај на непрописното паркирање возила на тротоарот“, велат од Град Скопје.

Инаку, по бурните реакции на јавноста насочени кон министерот за правда, Салији, чие службено возило беше објавено на социјалните мрежи како непрописно е паркирано пред Министерството за правда, на тротоар, пред вратата на институцијата, Салији, посочува дека тоа веќе нема да се повтори.

„Нема да се повтори погрешно да паркираме. Возилото е веќе тргнато од тротоарот, а беше таму поради итноста на обврските што ги имав во текот на денот, поради кои неколкупати го напуштав министерството, рече министерот за правда Билен Салији.