Шилегов бара опозицијата да каже кои нивни партиски војници од јавните претпријатија да ги отпушти


Градските јавни претпријатија се превработени со администрација, а немаат стручен кадар кој би ја вршел дејноста заради која постојат. ЈСП „Скопје“, „Водовод и канализација“, „Градски паркинг“ „Комунална хигиена“, „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ имаат 1.200 административци повеќе отколку што им е потребно, информираше вчера градоначалникот Петре Шилегов на седница на Советот на Градот. Тоа, според него, годишно ја чини градската каса по десет милиони евра за нивните плати и придонеси.

Расправата започна по точката за прераспределба на вработен од „Паркинзи на Општина Центар“ во „Градски паркинг“, на што опозицијата во Советот, преку советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Колариќ, му замери на Шилегов дека вработил 25 нови лица во ова јавно претпријатие. Тој им реплицираше дека бил принуден бидејќи вработените по партиски клуч од претходната администрација не се стручни за своите работни места.

„ЈСП ‘Скопје’ има 700 административци, или повеќе отколку што има возачи. ‘Градски паркинг’, јас кога станав градоначалник, имаше 237 вработени, а сега има 258. Од нив половината се вишок и слободно може да си одат. Вработувани се по партиски клуч и тоа ни е јасно, а мене ми требаат стручни луѓе. Како да не вработувам нови“, одговори Шилегов и ја повика Колариќ да биде таа која ќе го состави списокот на над илјада вработени од јавните претпријатија кои би требало да бидат отпуштени.

„Веднаш ќе основам комисија на која вие можете да бидете претседател и да го составите списокот на партиски војници кои се вишок во администрацијата. Веднаш ќе потпишам во ‘Градски паркинг’ да останат само 130 вработени кои се стручни и тогаш веќе нема да треба да вработувам нови“, рече Шилегов.

Колариќ му одговори дека таа се согласува да стане претседател, но на комисија која ќе одлучува и за новите вработувања кои Градот Скопје планира да ги прави во иднина. (С.Н.)