Шест месеци не е стигната пресудата од Грција за разузнавачот Грујевски


Шест месеци не е стигната официјалната одлука на Врховниот суд на Грција до Министерството за правда со којашто се одбива екстрадицијата на поранешните разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

Откако Апелацискиот суд ја укина затворската казна од година и пол на која беше осуден Грујевски во отсуство за предметот „Тврдина 2“ денеска се одложи рочиштето на кое судењето требаше да почне од почеток, поради службено отсуство на судијката Гордана Спиревска. Другата судијка соопшти дека добиле известување од Министерството за правда дека одлуката на грчкиот суд уште не е стигната. Почетокот на повтореното судење е презакажано за на 5 декември.

Апелацискиот суд ја укина пресудата поради сторени суштествени повреди на одредбите од кривичната постапката, односно дека Судот му судел на Грујевски во отсуство иако тој бил во екстрадициски притвор во Грција и постапката сѐ уште не била завршена.

„Оттука, во ситуација кога екстрадицијата е можна, мора да се оди на екстрадиција на обвинетиот за конкретниот предмет, а судење во отсуство би можело да се спроведе само доколку екстрадицијата се одбие од страната на замолената држава, или доколку екстрадицијата не е можна“, се вели во одлуката на Апелација.

За „Тврдина 2“ обвинети се Грујевски и шест службенички од УБК за уништување на документација од незаконското прислушување. На Грујевски и Бошкоски во отсуство им се суди и во предметот „Таргет – Тврдина“, и тие се главните осомничени за масовното прислушување.(Ф.Ф.С.)