Шестмината пратеници на распит во Кривичен суд


Во Кривичниот cуд веќе неколку часови трае распитот на пратениците Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Љупчо Арнаудов и Сашо Василевски пред судија на претходна постапка за насилствата во Собранието од 27 април годинава.

Пратениците одделно дојдоа во Судот, а куса изјава за медиумите пред влегувањето даде само пратеникот Мукоски, кој рече дека правно гледано, според него, нема аргументи за притвор, но, како што наведе, остава на судот да одлучи за тоа и верува во него.

Шестемина пратеници пред судот ги пречекаа и неколкумина нивни колеги од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да им изразат поддршка.

Шестемина пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.

Во петокот, Собранието на Република Македонија им го симна имунитетот, а известувањето до Кривичниот суд од Парламентот пристигна вчера по што тоа беше доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадоа услови да се постапува по предлогот на обвинителството.