Шекеринска: Следната година клучна за евроатлантските интеграции


„Напорите за промовирање на либералната политика на Балканот ќе бидат запрени доколку на Македонија не и биде понудена цврста можност за членство во НАТО и ЕУ следната година, предупредуваат лидерите на новоформираната Влада во земјата“, пишува „Гардијан“ во текстот под наслов „Македонија вели дека треба да се приклучи кон ЕУ за да го спречи авторитаризмот“. Во текстот се пренесени цитати од интервју на весникот со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, која одговара на прашања за македонските евроатлантски перспективи и спорот со Грција околу. – Следната година е клучна. Треба да покажеме дека има развој – луѓето не очекуваат се да биде решено утре, но очекуваат напредок бидејќи бевме заглавени 10 години. Она што ќе се случи ќе создаде или инспирација, или фрустрација низ целиот Балкан, вели Шекеринска. Таа посочува дека Владата сака да најде решение на 26 години долгиот спор со Грција за името. – Повеќето од луѓето ќе прифатат пристоен и рационален компромис, се додека се уверени дека решението ги отвора перспективите за иднината и не го загрозува нашиот идентитет, гордост или етничките карактеристики. За да има одржливо решение, ние мора да потврдиме пред нашите граѓани дека нашите цели за членство во ЕУ и НАТО се реалистични, наведува министерката Шекеринска. Сакаме, додава, решение кое нема да им наштети на грчките интереси, но нема ни да го загрози македонскиот идентитет. Но, за танго се потребни двајца, се надеваме дека грчката страна ќе биде еднакво посветена, потенцира Шекеринска.