Шекеринска: Рано е да се суди колку е искрена понудената оставка на Груевски


Прерано е да се суди дали е политички маневар или искрено дадена изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за понудената оставка од лидерското место во партијата, оцени денеска за МИА министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– За разлика од ВМРО-ДПМНЕ ние во СДСМ велиме дека партиските работи ги решаваат луѓето од партијата. Не им се мешаме, прерано е да се суди дали е политички маневар или е искрено дадена изјава. Нашиот фокус како Влада не се партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак на СДСМ. Нашиот интерес е како Македонија да се стабилизира и да оди напред со решаваше на своите стратешки прашања, рече Шекеринска.

На прашање дали понудената оставка на Груевски е поттикната по вчерашната средба кај претседателот Иванов, Шекеринска рече дека не верува оти првите луѓе на државата со претседателите на партиите, ќе се занимаваат со тоа кој треба да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерката ги оцени како дезинформации наводите во некои медуми дека ќе има поместувања помеѓу министрите за да се пополни веќе подолго време испразнетото министерско место во здравство. Според неа, следната недела ќе има некакво решение на тој план.