Шекеринска: Оставките од ДИК порака дека оваа Влада нема да практикува такво однесување


Оставките на претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски и на членовите предложени од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, се порака која Владата сака да ја испрати до јавноста дека прифаќа критики и оти нема да практикува неодговорно однесување, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Ова е порака, која тие и ние ја испраќаме до јавноста дека прифаќаме критики, дека критиките можат да бидат позитивни и дека таквото однесување оваа Влада нема да применува, ниту пак го прифаќа. Презедовме обврска тоа да го покажеме и во нашето секојдневно однесување. Го поздравувам нивниот гест и сметам дека тоа е поука за сите избрани личности во Македонија, за сите кои ја добиле нашата доверба, вклучувајќи не и нас самите, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со случајот со бонусите во износ од 12 плати кои си ги поделиле членовите на ДИК.

Таа нагласи дека членовите што ги номинирал СДСМ поднеле оставки и ги вратиле парите, кои ги зеле со одлука, која не и била позната на јавноста.

– Владата не ја избира ДИК и во тој поглед сме внимателни, бидејќи не сакаме да испадне дека Владата се меша во работата на ова или некои друго регулаторно тело. Оваа Влада беше избрана за да не биде иста како претходната, затоа што вети промени во политиките, одлуките и однесувањето. Тоа значи дека нема само да водиме сметка за законот, туку и за тоа дали некои одлуки се етички и политички коректни, рече Шекеринска.