Шеесет милиони денари во Буџетот за 2019 за студентските домови


Во завршна фаза е целосна реконструкција на блоковите В и Г од најголемиот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје, за што се вложени речиси 2,3 милиони евра. Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов денеска го посети домот и изјави дека се работи за крупен зафат кој опфаќа замена на врати, прозорци, подови, електрична и водоводна инсталација, лифтови, парно греење. Во наредната година со 85 илјади евра ќе биде набавен и нов мебел.

Со реконструкцијата на В и Г овој дом, кој има капацитет да смести над илјада студенти, ќе биде целосно обновен, откако лани беа завршени и блоковите А и Б каде што со околу три милиони евра беа поставени нови лифтови, пералници и набавен нов мебел.

-Во Буџетот за 2019 година веќе се издвоени 30 милиони денари за реконструкција и обновување на неколку студентски домови, но се издвоени и 30 милиони денари со што ќе продолжат активностите за подготовка на проектна документација за изградба на нова зграда во склоп на студентскиот дом „Стив Наумов“. Овие 30 милиони денари ќе бидат употребени за проектната документација за новата студентска зграда со 600 до 700 легла, изјави Атанасов, честитајќи го Меѓународниот ден на стдентите – 17 Ноември.

Соопшти и дека Владата на 93-тата седница одлучила за плаќање на дел од долговите и за тековни работи да им додели седум милиони денари за домот „Пелагонија“ и речиси 79 милиони денари на Државниот студентски центар, преименуван во Студентски дом „Скопје“, во чија надлежност се четири единици: „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Невена Георгиева-Дуња“ т.е. Медицинар – кој неколку години е затворен поради лошите услови.

Директорот на Државниот студентски центар Дарио Николовски рече дека студентските домови со години биле запуштени и заборавени од државата и институциите, а имаат и заостанат долг од пет милиони евра.

-Повеќето од студентските домови имаат потреба за целосна реконструкција – замена на покривите, внатрешно уредување и нова инсталација. Но реалноста тоа го оневозможува зашто се соочивме со заостанат долг од повеќе од пет милиони евра. Со огромни напори веднаш подмиривме околу два милиона евра, а до крајот на годинава ќе намалиме уште еден милион евра, изјави Николовски.

Со помош на МОН и Владата прават проект сите студентски домови да имаат видеонадзор надворешно заради безбедност на студентите и сигурност на нивните родители. Засега „Гоце Делчев“ е единствен што има видеонадзор, но само внатре.

Планираат и заменување на старите возила за разнесување храна до домовите. Ќе направат и ново мени за студентите кое, како што рече, не е променето 15 години, па во јавните набавки ќе бидат наведени ХАСАП и ИСО-стандарди. Планираат и студентска картичка која на студентите ќе им овозможи бенефиции во мрежа компании.