Членовите на ДИК за 18 месеци зеле 30 плати


Државна изборна комисија заклучи дека нема правна основа да се отповика одлуката за доделување на дополнителната плата што сами си ја доделија за „напорната“ работа пред и по локалните избори во октомври годинава. Поради тоа, донесена е одлука членовите и вработените до комисијата индивидуално да одлучат дали ќе ги вратат парите во буџетот, ќе ги донираат или ќе ги задржат за себе. Вчерашната јавна седница следуваше откако американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, посочи дека членовите на ДИК си доделиле бонус-плата за четирите месеци работа, а истото го направиле и за ланските парламентарни избори.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, генералниот секретар Добре Јанчев, како и сите членови на Комисијата, без разлика дали се од страната на СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ, односно од експертската фела, заедно ја бранеа одлуката да си доделат бонус.

„Има две екстремно тешки и напорни логистички операции во државата, првата е мобилизација, а втората се изборите. Овие надоместоци се за непроспиени ноќи, стресна работа, продолжена работа, работа на празници, поради процес кој не може да биде прекинат“, рече Јанчев.
Членовите на Комисијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Сашко Срцев и Силвана Бонева, рекоа дека ќе ги вратат парите бидејќи не им требале за свеќи и за пченица, алудирајќи на клетвите што им ги упатуваат граѓаните.

И нивните колеги од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, рекоа оти ќе потпишат изјава дека ќе ги вратат парите.
„Ќе ги вратам парите, не затоа што не сум ги заслужила, оти работев по 20 часа на ден. Ќе ги вратам парите на кој било начин и им го посакувам истото на оние што нам ни го посакаа. Никој не праша дали одлуката за надоместоци е законита“, рече Дума.
Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, на брифинг со новинарите потврди дека членовите на Комисијата во изминатите 18 месеци си поделиле 12 плати како бонус, односно дека за 18 месеци зеле вкупно 30 плати. Нивната плата е околу илјада евра месечно. (Г.А.)