Чичаковски го донирал бонусот од над четири илјади евра


Претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски средствата од бонусот за локалните избори, во износ од 260.000 денари, ги донирал во граѓанската организација „Полио плус – Движење против хендикеп“. Средствата, како што се соопштува, ќе бидат искористени за унапредување на политичката партиципација на лицата со попреченост.

– Вчера имав средба со претседателот на ДИК. Ние не сакавме бегла и гола донација без значење. Се договоривме средствата да бидат искористени за унапредување на политичката партиципација на лицата со пореченост, но договоривме соработка со него како човек кој има големи познавања од областа на изборите, изјавил претседателот на „Полио плус“ Звонко Шаврески.

Тој информираше дека Чичаковски средствата ги уплатил денеска на сметката на оваа граѓанска организација.

Пред неколку дена, американскиот амбасадор Џес Бејли изнесе информација дека членовите на ДИК поделиле бонуси по одржаните локални избори во октомври годинава. По избувнувањето на овој скандал, членовите на ДИК најавија дека ќе ги вратат или ќе ги донираат.