Чилиманов суспендиран од МИА


Скандалот што го предизвика вработениот во државната агенција МИА, Цветин Чилиманов, кој на Твитер ѝ се обрати на дописничката на Фајненшл Тајмс, Валери Хопкинс со повик за насилство, на нозе ја крена и меѓународната јавност и новинарските здруженија, пишува БИРН.

Според нивните информации, Чилиманов е суспендиран од работното место и тој има рок од три дена, односно до понеделник, да се изјасни во врска со суспензијата. Потоа, дисциплинска комисија од државната агенција МИА ќе ги сослуша аргументите на Чилиманов и ќе достави предлог до директорот на МИА, Драган Антоновски, кој треба да ја донесе крајната одлука – дали тој ќе добие отказ од работното место, ќе биде казнет или пак нема да се соочи со никакви последици.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на независни новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска испратија реакција во која го осудуваат повикот за насилство на Чилиманов.

– ЗНМ, ССНМ и СЕММ оценуваат дека ваквите примитивни закани не се вперени само против колешката Хопкинс, туку кон целата новинарска заедница и имаат за цел да ги застрашуваат новинарите со цел да не ги опсервираат на критички начин политичките процеси. Заканите со силување на Хопкинс се одлика на тоталитарната свест од најцрните денови на европската историја, кое вклучува и користење и насилство во справување со неистомислениците, се вели во соопштението од ЗНМ, ССНМ и СЕММ.

Македонската информативна агенција, вчера, во целост се огради од твитот објавен на социјалната мрежа Твитер, на нивниот вработен новинар Цветин Чилиманов.
„МИА во рамки на своите надлежности ќе ги преземе сите мерки за утврдување на фактичката состојба и зачувување на угледот на Агенцијата, во согласност со законските прописи“, информираат оттаму.

Имено, на социјалната мрежа Твитер, Чилиманов сподели твит од новинарката Валери Хопкинс на „Фајненшл Тајмс“ и над нејзиниот коментар ги повика таксистите ако таа им влезе во автомобил да се однесуваат како ликот Чичко Кумплуг од македонскиот филм „Самоуништување“, кој пак силуваше патничка.

Хопкинс пак во нејзината објава на Твитер имаше напишано:

„Таксист од Скопје кој бојкотирал: Бугарија мисли дека нашиот јазик не постои. Србија не ни ја признава црквата. Грците ни го блокираат името, а имаме проблеми и со Албанците. Ние немаме никаков проблем, сите други имаат со нас…“

Споделувањето на овој твит од страна на новинарот Чилиманов ги разгори социјалните мрежи, а другите новинари неговиот коментар го разбираат како повик за силување на новинарката Хопкинс.

Во реакциите се огласи и актерот Јовица Михајловски кој всушност го толкуваше ликот на чичко Кумплиг во филмот „Самоуништивање“.

„Овој Цветин, што го бербати ликот и делото на чичко Кумплунг, да го потсетам дека Кумплунг заврши во инвалидска количка, токму заради сторените дела на кои сега повикува ангажираниот Чилиманов. Го охрабрувам, тој и сите што го делат неговиот став, до крај да ја споделат судбината на ликот Кумплунг и да завршат на ист начин. За потсетување, таксистот Кумплунг е главен лик од играниот филм „Самоуништување“. Веројатно насловот му послужил како инспирација, во исполнување на неговата света мисија. Со среќа, чичин!“, напиша актерот Михајловски.

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите најостро го осуди твитот на Цветин Чилиманов.

– Заканувачкиот твит на Цветин Чилиманов кон Валери Хопкинс е срамен и неприфатлив. Сите закани кон новинари, особено повиците за насилство кон жени новинарки се неодговорни. Чилиманов мора веднаш да го отстрани твитот, напиша Харлем Дезир на Твитер.

Владата на Република Македонија ги оценува како срамни и неприфатливи заканите и повиците полни со омраза кои доаѓаат од новинарот Цветин Чилиманов кој, се вели во соопштението од владината прес-служба, отворено наведува да биде нападната негова колешка.

– И во оваа прилика потсетуваме на ставот на Владата на Република Македонија: Нула толеранција за било какви закани, уцени врз новинарите и медиумските работници и за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето, стои во владиното соопштение.

Од Владата апелираат до медиумите, новинарските асоцијации и другите институции во државата, а особено обвинителството и судовите, да постапуваат максимално брзо и професионално во случај на каков било обид за напад или закана против медиумските работници.