Честитка од ВМРО-ДПМНЕ по повод празникот Св. Климент Охридски


Денес го чествуваме светото дело на големиот просветител Св. Климент Охридски, најголемиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј. Неговото вонвременско дело, азбуката Кирилица, денес не е само дел од македонското културно наследство, туку е дел од културата на повеќето словенски народи, дел од европските и светските универзални вредности. Неговото дело е цивилизациски придонес во насока на описменување на цели народи, за што вечно се задолжени не само словенските народи и култури, туку Европа и целиот свет.

Ние како народ и како држава сме особено горди што од нашето тло отпочна еден просветителски бран кој останал запишан со светли букви во светската културна ризница.

Токму ликот и делото на Св. Климент Охридски и неговиот труд и искрената посветеност се вистински пример за тоа како може да се постигне многу и може да се придонесе кон живот базиран на принципи и вредности. Да го следиме Свети Климент и неговото дело кое е огромно и величествено. Патот на меѓусебно почитување и посветена работа, е пат до успех и благосостојба.

Нека е вечен неговиот спомен, нека е вечна инспирацијата од неговите дела!

Нека ни е честит и вековит големиот празник – Св. Климент Охридски!

Центар за комуникаци на ВМРО-ДПМНЕ