Црн петок во Македонија: Вистински попусти или рекламен трик?


Најпознатиот ден за шопинг во светот е  таканаречениот Црн петок (Black Friday). На овој ден, или последниот петок во ноември што годинава се паѓа на 24-ти, како и секоја година во Америка, но и во другите земји во светот  се случува голема купувачка хистерија. Во последните неколку години шопинг-манијата ги зафати и Скопје и Македонија.

Голем дел од продавниците и шопинг центрите веќе наголемо ги повикуваат потрошувачите со намалени цени на производите да се приклучат во овој тренд. Но, сепак шопинг- треската во Македонија не е како во Америка и не може ниту најмалку да се спореди.

Од она што може да се види на излозите и рекламите на продавниците, попустите се движат од 30 па до 60 отсто. Овие попусти, освен во петок кога е „големото шопинг лудило“, продолжуваат и во викендот кој следи. За разлика од кај нас во Америка има тотална распродажба, па некои производи кои чинеле и по 50 долари можат да се купат и за еден долар.

Американците два дена  пред да се отворат вратите на продавниците се редат пред продавниците и  преспиваат,  за да бидат меѓу првите на „црниот петок“и да  купат нешто , при што многу често има  инциденти, па и повредени лица.

Во Македонија нема редици, ниту „тепачки“ во продавниците. Попусти има, но не толку значајни.
Од друга страна на македонските трговци „Црниот петок“ им доаѓа како добар маркетиншки трик за да ја зголемат продажбата, и без да има големи попусти како што е тоа во другите земји.

Во Македонија нема вистински Црн петок

Од Организацијата за потрошувачи на Македонија велат дека, за разлика од светот, во Македонија не може да се каже дека има вистински „Црн петок“

-„Црн петок“ во нашата култура не постои многу одамна, ние немаме ни таков израз. Кај нас толку големи попусти како традиција нема. Распродажбите во Македонија се уредени со закон. Продавниците законски треба да обележат кој дел од производите се на распродажба, која е стара и која е нова цена. Така, кога станува збор за „Црн петок“ во Македонија не се случуваат значајни попусти како во Америка“, вели Маријана Лончар- Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Таа вели дека Македонците традиционално не потклекнуваат на такви шопинг- трикови, нема толкава возбуда, ниту пак потрошувачка, па дури и бизнисот во целост не го следи овој ден како што тоа е во светот.

-Голема штета е што сакаме да се однесуваме како западните потрошувачи, бидејќи на тој начин, освен што граѓаните непотребно трошат, се прави штета на животната средина. Сега трендот повеќе е кон одржлива потрошувачка, односно секој потрошувач треба да купи што му треба, а не што е на попуст, иако реално не е голем попустот, потенцира Лончар- Велкова.

Македонија, како што потенцира таа, нема толку голем пазар како американскиот и не можеме да се споредуваме со нив.

Зошто Црн петок ?

Историски гледано „Црн петок“ е име на неколку лоши случувања во Америка во 1869, 1873,1978, 1993 година, но овој се однесува на петокот после Денот на независноста во Америка и настанал во почетокот на педесетите години на минатиот век. Во тоа време означувал предбожиќни попусти.
Педесет години подоцна интернет гигантот Амазон го проширил и надвор од границите на Америка.

Освен „Црн петок“ (Black Friday) интересен е и „Сајбер понеделник“ ( Cyber Monday), кој е спонтано организиран на 27 ноември, но се се чини дека станува се позначаен кај оние кои сакаат да купуваат онлајн. Сепак, ни „Црн петок“ ни „Сајбер понеделник“ не можат да се споредат со кинескиот онлајн шопинг празник – „Ден на самците“ (Singles Day). Минатиот ноември „Алиекспрес“ за само 24 часа, продаде стока во вредност од скоро 18 милјарди американски долари со огромни попусти.

Александра Спасевска