ЦК на ВМРО – ДПМНЕ вечерва ќе заседава за политичката ситуација


Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе заседава Централниот комитет на партијата.

Официјално на седницата ќе се разговара за моменталната политичка состојба во државата и обезбедувањето на двотретинското мнозинство во Собранието за поддршка на уставните измени. Но, дел од медимите, повикувајќи се на партиски извори, објавија дека има внатрепартиски превирања и дека за тоа ќе се разговара на вечерашниот ЦК.
Во пресрет на состанокот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, за состојбите во партијата се огласија неколкумина актуелни и поранешни партиски претставници.
Во изјава за медиумите поранешниот висок партиски функционер Сашо Мијалков ги отфрли инфоромациите за превирања меѓу него и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Вели дека тој дал оставка на сите функции во партијата и со тоа на никаков начин не влијае во нејзиното работење.
Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски на Фејсбук му искажа поддршка на Мицкоски, а тоа го направи и патеникот Антонио Милошоски.

Пратеникот Илија Димовски, пак, ја критикуваше актуелната политика на партијата која според него води во изолација и губење на капацитетите да влијае на политичките процеси во државата. Тој го осуди бркањето од партијата на како што вели, т.н. предавници и нелојални членови.

Според него, партијата мора да направи измени во статутот и дисконтинуитет со грешките од минатото, за да може повторно да влијае на политичкјите процеси во државата.

Највисоките тела на партијата во петокот ги исклучија од членство седуммината пратеници кои дадоа поддршка во Собранието за пристапување кон измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа. аа/ас/