Царовска: Ќе се намалува старосната граница за пензионирање на рударите


Министерството за труд и социјална политика, преку Владата, ќе предложи законски измени и дополнувања со кои ќе се намалува старосната граница за пензионирање на рударите. Ова денеска во Македонска Каменица го најави минситерката за труд и социјална политика Мила Царовска на средба со рударите, менаџментот на рудникот САСА, дел од Синдикатите и градоначалничката Соња Стаменкова.

– Согласно ветеното во програмата за работа, Министерството за труд и социјална политика преку Владата изготви законско решение со кое рударите ќе можат да остврат право на старосна пензија и со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени, изјави по средбата министерката Царовска.

Како што информира Министерството за труд и социјална политика, со предлог-измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се овозможува на осигурениците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, да им се намалува возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

– Ова решение во моментот се однесува само за рударите, но со него се создава можност истата формула за пропорционално намалување на возраста да се применува на сите работници кои работат на работни места со бенефициран стаж, се вели во соопштението.

Министертсвото за труд и социјална политика информира дека ќе продолжи со ветените активности во делот на бенефицираниот стаж за што веќе е подготвена анализа со поддршка на Светска банка, а ќе се прави и ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено тарење.