Царовска се сретна со жителите на Тимјаник


Не сме против мал групен дом, но местото е несоодветно за такво нешто, нема услови за тоа, рекоа денеска жителите на селото Тимјаник. Нив попладнево ги посети министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, откако претходно присуствуваше на отворањето на групниот дом во Неготино.
– Не е вистина дека не ги сакаме лицата со попреченост. Но, на ова место според нашите сознанија  требаше да има градинка. Во близина има откупен центар и училиште, нема двор, регионален пат е, не одговара за мал групен дом, реагираа жителите.
Таа се обиде да им објасни дека на овие деца им е неопходно внимание и љубов и дека вакви групни домови ќе има низ целата држава. – Вашите деца имаат дом, семејство, љубов. За разлика од нив, децата како тие во Заводот живеат во големи институции и потребно им е поголемо внимание, им рече министерката.
Воедно  изрази жалење што намерата за мал групен дом не им била навреме пренесена, иако неколку субјекти од општината навреме биле информирани за тоа.
 – На оваа средба утврдивме дека ќе има и уште една, на која ќе биде присутен и градоначалникот. Жителите се вознемирени бидејќи немаат градинка и сметаат дека овој објект е соодветен за тоа, а не ги исполнува условите. Им понудивме дел од училиштето да биде рехабилитирано, доградено за градинка, или да се најде нов простор, бидејќи навистина руралните средини во минатото беа запоставени, а ние се грижиме и тие да добијат градинки. На следна средба ќе ги договориме натамошните чекори и заеднички ќе пристапиме кон решавање на овој проблем, рече Царовска.