Царовска на распит поради пензиите


Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска даде исказ пред Основното јавно обвинителство, кое покрена истрага по обвинувањата за проневера во Фондот за пензии. Од Обвинителството велат дека постапуваат по кривичната пријава што Царовска ја поднесе против непознат сторител, а која се однесува на невршење на распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови.
„Во својот исказ таа изнесе одредени сознанија во врска со наводите во пријавата без притоа да посочи можен сторител на кривичното дело со утврден идентитет. Надлежниот јавен обвинител побара од подносителот на пријавата дополнително да достави определени материјални докази кои ги спомена во својот исказ. Продолжуваме со преземање други дејствија за проверка на наводите во пријавата. Надлежниот јавен обвинител од Државниот завод за ревизија ќе ги побара изготвените извештаи за извршена ревизија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во критичниот период, а на распит ќе биде повикан и претставник на Фондот за да даде свое појаснување во врска со наведеното во пријавата“, соопштија од Обвинителството.