Царовска: Го зголемуваме опфатот за сместување деца од предучилишно образование


Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во придружба на градоначалникот на Битола Наташа Петровска, во битолското село Кравари отвори нова детска градинка. Станува збор за нов објект со високи стадарди, во кој ќе бидат згрижени деца од 2 до 6 годишна возраст за целодневен престој.

Градинката располага со две занимални, санитарна просторија за деца и кујна.  За опремување на просторот МТСП издвои 696 илјади денари и обезбеди пет нови вработувања.

– Четриесет деца од селото Кравари ќе имаат можност да добијат квалитетно предучилишно образование, а нивните родители подобро вклучување во пазарот на труд, што значи правиме две добра. Воедно ја реализираме нашата определба како Влада за проширување на опфатот на деца од предучилишно образование, и од сегашните 30 проценти планираме да стигнеме до 50 насто од опфат на деца. Со одлука на Владата и врз основа на склучениот договор со Светска Банка во наредните 4 години ќе инвестираме 16 милиони евра во зголемување на инфраструктурниот капацитет за сместување на деца со предучилишно образование. За 1,5 година, опфатот за сместување на деца го зголемивме за 1.300 и тоа навистина е голема инвестиција, посочи Царовска.

Општина Битола издвои еден милион денари за доопремување на три занимални и тој процес наскоро ќе биде завршен, најави градоначалничката Петровска на свеченоста во селото Кравари.

– Потребата за сместување на деца во детските градинки во Битола е голема, и само во Јавната установа детски градинки „Естреја Овадија Мара“ во овој момент има барања со листа на чекање од 500 деца, а потребите постојано се зголемуваат. Интересот за ран детски развој е поголем, а ние како локална самоуправа ќе одговориме на тие барања, посочи Петровска.

Министерката Царовска учествуваше на панел на Саемот за кариера во Битола, кој вчера и денес се одржува во Битола, а го посети новоотворениот Ресурсен центар за слепи лица во овој град.