Хуманитарен интернационален хепенинг во Веро центарот


Десетиот по ред хуманитарен интернационален хепенинг – Интерскопкејкс 2018, ќе се одржи денеска напладне во Веро центарот во Скопје, во организација на Град Скопје во соработка со хуманитарната организација Ангелчиња-ХОА.

На хепенингот што претставува натпревар на учесниците во изработка и декорација на торти, посетителите ќе имаат можност да уживаат во креациите на аматерите и професионалците во оваа дејност,  да гласаат и заедно со жири комисијата да ја изберат најдобрата карвинг креација.

Во организација на Општина Кисела Вода, Хуманитарната организација СВЕТИ СПАС, Град Скопје и хуманитарната организација Ангелчиња-ХОА, по завршување на настанот, тортите ќе им бидат подарени на децата од СОС детско село и на граѓаните – корисници на народните кујни во општините Кисела Вода и Ѓорче Петров.

Исто така, во рамки на оваа манифестација е и изложбениот саем, каде сите земји – учеснички ќе направат своја презентација од областа на туризмот и новитетите во областа на угостителството. Граѓаните ќе можат да ги разгледаат изложбените штандови, да се запознаат со нивната содржина и да бидат дел од нивните промотивни понуди и наградни игри.

-Во текот на хепенингот, ќе се одржи и таканаречен натпревар под притисок, каде учесниците ќе имаат само 10 минути да ја покажат својата умешност во украсување торти на зададена тема од страна на жирито. Ќе биде изработена и роденденска торта од слаткари од сите земји, која потоа ќе им биде поделена на посетителите, најавуваат организаторите.

На настанот влезот е слободен за посетители, кои ќе може да проследат и богата музичка програма и многу изненадувања.