Христијан ја изгуби раката, потребни сме за помош


Семејството на 24-годишниот Христијан Спасов од росоманското село Манастирец кој пред три години доживеа несреќа на работа и ја изгуби раката, упатува апел за помош со донации од хуманите луѓе, со цел тој да добие протеза. Потребни им се најмалку 161 илјада евра.

– Машина за сечење челик му ја повлече и распарчи левата рака. Борејќи се да ја извлече левата рака, му настрада и десната. Левата рака е ампутирана до рамото, а десната рака не функционира. Палецот на десната рака му е ампутиран, додека другите прсти на истата се неподвижни. Првите пет дена од третманот, Христијан ги помина во болница во Скопје. На шестиот ден, поради тешка инфекција, труење на крвта (сепса) и во животна опасност, пренесен беше во градската болница во Виена. Беше во кома два месеци, а потоа уште еден месец беше задржан на стационарен третман во Виена, велат од семејството.

Христијан треба да добие биотронична протеза на раката.

– Христијан помина два месеци во кома, во борба за живот, преживеа пет различни операции на двете раце – трансплантација на кожа, мускули и тетиви. На ампутираната рака направени се две операции за подготовка за протеза, во кои нервите и мускулите се подготвени за протезата со посебен метод, а во коската се вградени титаниумски шини кои треба да ја држат протезата. Пред два месеци, Христијан помина низ едномесечна терапија, вежбајќи секојдневно со тегови и подготвувајќи ја ампутираната рака за тежината на биотроничната протеза, која требаше да ја добие пред неколку месеци. За жал, немаше пари за неа и последната надеж за финансиска помош бавно умира, нагласуваат од семејството.

Додаваат дека во изминатиот период потрошиле се што имале и се задолжиле со големи суми за лекувањето и затоа се одлучиле да побараат и помош од хуманите луѓе.