Хрватска и Франција во борба за тронот


„Би ги менувал сите трофеи во кариерата за овој. Подготвени сме за решавачкиот исчекор. Никој не очекуваше дека ќе стигнеме до тука, но ние не сакаме да запреме на ова ниво. Ќе дадеме максимум за освојување на титулата. Ова е уникатна прилика“, порача Лука Модриќ во пресрет на пресметката со Франција во денешниот меч од 17 часот на „Лужники“ во Москва во финалето на Светското фудбалско првенство во Русија.

Хрватска по петти пат учествува на мундијалите. Најголемиот успех досега го забележа на СП во 1998 година на кое го освои третото место. Во полуфиналето загуби од Франција со 1:2, двоен стрелец за „триколорите“ тогаш беше Лилијан Тирам, единствениот за „коцкестите“ го постигна актуелниот претседател на фудбалскиот сојуз Давор Шукер. Во малото финале, подоцна, Хрватите со 2:1 беа подобри од селекцијата на Холандија.

„Неверојатно е што работи оваа екипа, како игра и како се бори. Го заслуживме ова што нѝ се случува. Милијарда пати низ глава ми минува слика како го подигнувам пехарот. Се надевам дека тој сон ќе се оствари. Заморни сме, исцрпени, но физички ќе се дигнеме за финалето“, додаде хрватскиот капитен.

Гризман: На победа, па макар во продолженија или на пенали

Франција, како и Хрватска, стигна до финале без загубен меч. Во шесте на турнирот во Русија, „триколорите“ забележаа пет победи и реми (0:0) со Данска. Пред и потоа ги совладаа Австралија со 2:1 и Перу со 1:0 во групата Б, со 4:3 ја елиминираа Аргентина во осминафиналето, со 2:0 беа подобри од Уругвај во четврт-финалето, со 1:0 ја поразија и Белгија во полуфиналето.

Две години по поразот во финалето на ЕП на кое беа домаќини, Французите ќе играат нов меч за шампионски трофеј на голем турнир.

„Мора да наметнеме наша игра како и досега. Во нокаут фазата имавме добри партии во кои контрите беа наше најсилно оружје. Мора да бидеме концентрирани бидејќи играме против фудбалери од висока класа. Подеднакво сме заморни меѓутоа и подготвени. Хрватите против Англија летаа по тревникот во продолженијата што беше неверојатно. Но, финале е, сепак, на Светско првенство и се подготвуваме за сите можни сценарија. Наша цел е победа, па макар била во продолженија или на пенали“, истакна Антоан Гризман кој со Лука Модриќ конкурираат за признанието „златна копачка“ на 21. Светско фудбалско првенство.