Холандија е за преговори на ЕУ со Македонија, а против Албанија


Парламентот во Холандија е против Албанија да почне преговори за членство со ЕУ, додека за Македонија има позитивен став за преминување на следното скалило во процесот на евроинтеграција.

Холандија е една од земјите кои беа скептични во однос на тоа дали ЕУ треба да почне пристапни приговори со Македонија и со Албанија, за што одлуката треба да се донесе на престојниот самит, на 28 и на 29 јуни. Покрај Франција, и Холандија стоеше зад нон-пејперот со кој се бараше одложување на преговорите за следната пролет. По оваа одлука на холандскиот парламент, одлуката за почеток на преговори со Македонија станува поизвесна, иако треба да се почека на конечниот став на Франција, која се залага прво да се спроведат внатрешни реформи во Унијата.

Парламентот на Холандија гласаше против отворање преговори со Албанија, откако повеќето холандски пратеници се изјаснија дека резултатите на официјална Тирана не се доволни за ЕУ да преземе таков чекор. Пратениците побараа од владата да не гласа за предлогот на Европската комисија за Албанија, со образложение дека не се исполнети условите поставени од Брисел во врска со корупцијата и криминалот.
“Албанија не ги исполни петте приоритети утврдени во извештајот за напредокот, бидејќи нема историја со правната реформа, борбата против корупцијата и криминалот. Врз основа на овој напредок, не можеме да ги отвориме преговорите. Холандската влада не треба да гласа во Европската комисија за отворање на пристапните преговори “, се вели во предлогот од холандскиот парламент.