Хатчинсон: Поканата за Македонија прекрасна вест


Амбасадорката на САД во НАТО, Кејт Бејли Хатчинсон, ја нарече прекрасна очекуваната одлука на НАТО да ја покани Македонија да ги започне пристапните преговори за членство.

„На овој самит имаме прекрасно испорачување за Република Северна Македонија, ако граѓаните го одобрат договорот со Грција. Тоа е важен дел од јакнењето на алијансата , на човековите права и  на демократијата“, порача таа ставајќи ја оваа вест меѓу најважните на самитот. Според неа ќе биде големo враќање назад за поканата ако биде одбиен договорот на Македонија со Грција. Таа го нарече НАТО најсилна алијанса во историјата и во стилот на светското фудбалско првенство забележа дека сите четири земји што се влегоа во последниот круг на натпревари се земји членки на НАТО.

Висок преставник на НАТО, исто така, ги отфрли сомневањата дека како во ЕУ, некоја од земјите членки на самитот може да изненади и да се спротивстави на намерата да се активира поканата за Македонија. Според него, нема ни индиција дека може да се случи такво нешто, и негово цврство уверување е дека кога внатрешната процедура во Македонија и во Грција ќе биде завршена, нема да има проблем да се финализира приемот.

Истиот одговор тој го упати и за можноста американскиот претседател Доналд Трамп заради средбата со претседателот Владимир Путин да покаже резерва кон поканата за Македонија, нешто што со изјавата го демантираше и амбасадорката Хатчинсон. Според него, тој бил вклучен во преговорите за ова прашање и во ниту еден момент немало навестување дека САД може да го сменат ставот  поради Русија. Уште повеќе што во НАТО има заклучок дека штом ќе се реши спорот за името поканата ќе и се упати на Македонија и сите земји стојат зад него.

Околу дилемата дали на Македонија ќе и биде упатена иста покана како на Црна Гора и другите земји членки, бидејки формално и се праќа покана да ги почне пристапните преговори  а за прием треба да се финализира договорот со Грција, овој висок преставник на НАТО рече дека формално ќе се испрати покана за почеток на пристапни преговори, но тие водат до членство и дека практично  гледано и технички истата процедура ја поминале и другите земји, без оглед како се именувал процесот.

Слободанка Јовановска

Известувач од НАТО