Харадинај побара 600 милиони евра за 39 проекти на самитот во Лондон
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај на инвестицискиот самит на Западен Балкан во Лондон, организиран од Европската банка за обнова и развој, претстави 39 проекти во вредност од 600 милиони евра, соопшти косовската Влада.
Станува збор за проекти од јавниот и приватниот сектор кои се однесуваат на патната инфраструктура, третирање отпадни води, производство на алтернативна енергија и производни проекти.
Како што е наведено во соопштението, Харадинај посочил дека Владата на Косово интензивно работела на подобрување на законската рамка за создавање подобри услови за странски инвестиции, за малите и средните претпријатија, укинување на таксите во некои сектори со цел стимулирање на економскиот развој, создавање подобра клима за инвестирање во земјоделството, информатичката технологија и производство на алтернативна енергија.
– Косово има најмлада популација во Европа – 65 отсто се помлади од 35 години и тоа Косово го прави атрактивен пазар за работна сила. Младите во најголема мерка ги прифаќаат технолошките иновации, а голем број зборуваат неколку странски јазици, истакна Харадинај.