Харадинај: Нема да преговараме со Белград без учество на САД


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина, што се одржува под покровителство на ЕУ, нема да продолжи доколку во него не се вклучат и САД.

– Сите треба да знаат дека Косово нема да седне на (преговарачката) маса без американско присуство, изјави Храдинај пред пратениците на косовското Собрание, додавајќи дека Приштина досега немала никаква корист од дијалогот со Белград.

Тој нагласи дека токму поради неговото инсистирање на вклучувањето на САД во дијалогот, влегол во конфликт со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини за време на нивната средба во Брисел минатиот месец.

Харадинај истакна дека иако пет земји членки на ЕУ се уште не ја признале косовската независност, Брисел и натаму инсистира на продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина се до конечно решавање на статусот на Косово.

– Како да дојдам да разговарам, кога не ме признавате, праша реторички Харадинај во обраќањето пред пратениците.

Тој потенцира дека инсистира на вклучување на САД во дијалогот, затоа што во најтешките моменти за Косово, Вашингтон секогаш бил на страната на Приштина и тоа помогнало за решавање на проблемите.